Патувања
10.10.2016 12:34

Каде одат парите од дното на Фонтана Ди Треви?

fontana_e_piazza_di_trevi

Легендата вели дека ако сакаш да се вратиш во Рим, мораш со грбот да се свртиш кон фонтаната, да ставиш паричка во десната рака и да ја фрлиш во водата преку левото рамо.

Ако случајно фрлиш две, ќе се заљубиш, додека “Три парички во фонтаната” (како што гласи и називот на филмот од 1954 година), значи дека си подготвен за брак.

Водени од ова суеверие, туристите секојдневно фрлаат илјадници и илјадници ковани пари во разни бои и облици во огромната барокна Фонтана ди Треви во Рим.

До вечерта ги има толку многу, што буквално мораат да ги вадат со лопати. А, во раните утрински часови, додека туристите спијат, работниците доаѓаат и во гумени чизми ја “чистат” фонтаната од “заработеното” богатство.

Водата се запира на еден час, а тие со лопати и метли собираат парички, за на крајот да ги однесат во вреќи. На каменото дно на оваа позната римска знаменитост се собираат во просек и до три илјади евра дневно.

Кога таа цифра ќе ја помножите со 365 денови во годината, добивате прилично висок годишен приход. Сигурно се прашувате, каде одат сите тие пари?

Исклучивото право да располага со парите од фонтаната има добротворната католичка организација “Каритас”, која ги храни сиромашните во Рим. Земањето на парите од фонтаната е противзаконско, но еден вешт крадец со децении успеваше да се финансира токму од оваа фонтана.

Роберто Черчелета, попознат како Д’Артањан од 1968 година, па се до 2002, доаѓал шест пати неделно до фонтаната со голем магнет, кој потсетувал на меч и си го “собирал” пленот. Полицијата знаела за неговата кражба, но долго време го оставала да се финансира на тој начин.

Кога на Д’Артањан од Рим, поради притисок од јавноста, конечно му било забрането да зема пари од фонтаната, тој го исече стомакот во знак на протест, бидејќи го лишуваат од приходи. Додека крварел во водата извикувал: “Воопшто не заработував многу пари. Впрочем, да не сум јас, некој друг би ја ограбувал фонтаната”.