Колумни
11.10.2016 15:48

Мамо јас немам пари да ја почестам девојка ми, ти сакаш да се женам…

kelner-konobar

Не знаеш сине со каква радост те дочекавме на овој свет. Беше стаклена студена зима, а тој ден дури и сонцето блесна, како и тоа да се радуваше на твоето раѓање.

А кога те поземав во раце, ти стана моето сонце. Знаев дека ништо повеќе нема да биде исто – ќе биде многу поубаво.

Моите ми велеа – Од устата двоевме за да ве нахраниме. Не ги разбирав додека те немав тебе.

Не ми беше важно што истите чизми ги носев 4 години, или што не можев да си дозволам нов капут.

Важно ми беше ти да си облечен, ти да си дотеран, ти да си ми насмеан.

Те заштитував колку што можев, не сакав прерано да ја осознаеш вистината за светот, не сакав суровата реалност да ти го обои секојдневието сиво.

Сакав колку што е можно подолго да останеш дете, безгрижен и насмеан, бидејќи кога ти беше среќен и моето срце се полнеше со радост.

Но, изгледа дека умните и скромните вистината ги погодува најрано и најсилно – ти едноставно ја осозна неправдата и бедата на општеството, иако тоа се обидува да се претстави со лажен сјај.

Беше уште дете кога ми рече – Тука сè е расипано.

Не знаев дали ми зборуваш за апаратите низ домот или за нештата во средината во која живееме.

Не сакам да се навраќам на маките додека го заврши факултетот. Силно ме потресуваа тогаш, па дури и сега кога сè е завршено, јас трепнувам при помислата, а студенило ми се шири низ градите.

Немаше звучно име ниту презиме. Немаше никој важен да застане позади тебе. Немаше скршен денар во џебот.

Коските си ги остави по автобусите.

Тој дел од животот ти помина половина во чекање – чекање на превозот, чекање на професорите за полагање испити, чекање на парите од стипендијата, чекање на нас за малку помош.

А, ние немавме што да дадеме, освен по некоја тегла зимница, малку парички и многу љубов.

Ама љубовта може ли да те облекува, може ли да ти го наполни стомакот? Може ли да ти ги плати сметките и киријата?

Срцето ми се скрши на илјада парчиња кога ми призна дека ти е страв како никогаш нема да пронајдеш никого, поради бедата и животот кој како никогаш да не може да започне.

„Јас немам пари да почестам  девојка, ти сакаш да се женам!“

Неутешно плачев, додека ме исполнуваше горчина. Да можев душата да ти ја дадам за да ти олеснам барем малку, ќе го направев тоа.

Работа немаше ниту за лек. Никому не му беше гајле што си дипломирал навреме и со висок просек, такви ни рекоа има со лопата да ги ринеш.

Совршена метафора за ѓубре. Ете така се почувствувавме, како најголемо ѓубре.

Пријателките ме зафркаваат што конечно си отворив Фејсбук. Но, потајно знаат дека тоа е единствениот начин да си ми блиску.

Со првото утринско кафе, по кој знае којпат ги гледам твоите слики. Ги имам прегледано десетици пати, но не ми здосадуваат. Како може да ти здосади лицето на најмилото?

Те гледам насмеан и тоа ми е доволно. Ме радува фактот што си задоволен, што заработуваш доволно за да немаш грижи. Сакам да си исполнет, јас живеам за твојата среќа.

А еве навечер кога ќе се стиши сè околу мене, во темница и самотија јас почнувам да плачам.

Додека не се исплачам не можам да заспијам. А дури и кога заспивам, те сонувам тебе сине мој.

Што ми вреди сè, кога си ми толку далеку?

Што да правам јас со парите што секој месец ми ги префрлаш на сметката?

Ми велиш, купи си што сакаш, а јас сè што сакам е само ти да си покрај мене. Се купува ли тоа?

„Не ти се угодува на тебе“, ми велат.

Не разбираат дека срцето ми се дробеше додека се мачеше тука, а кога замина, се столчи до последна прашинка.

За тоа е мајката, да те мисли дури и кога никој друг не помислува на тебе.

И да се преколнува себеси, средината, околностите, светот и векот, што не успеавме да си пронајдеме парче среќа еден покрај друг.

(О)Милена | Црнобело