Колумни Мислења
14.11.2016 16:21

Последен поздрав до оној кој не стави појас

432024-posleden-pozdrav-do-onoj-koj-ne-stavi-pojas

Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата ја почна новата кампања “Последен поздрав до оној кој не стави појас”, која има за цел да ја зголеми свесноста за користење на сигурносните појаси кај возачите и кај сопатниците

Кампањата преку раскажување на животни приказни и низ фотографии ги прикажува последиците кои може да бидат фатални од некористењето појаси.

“Животните стории од фотографиите се вистински и се лични судбини на луѓе чиј живот згаснал како резултат на несовесно и неодговорно учество во сообраќајот -како резултат на некористење сигурносен појас. Многу нешта на денешниот ден би биле различни, многу луѓе би биле посреќни, многу семејства нема да беа завиткани во црно и многу лица ќе беа ослободени од горката тага, со неизмерлив бол и јад во душата, доколку нивните блиски користеа сигурносен појас”, велат од РСБСП.

Според истражувањето на РСБСП, при кое се анализирани возачи од 13 општини во Република Македонија, покажува дека процентот на возачите кои користат сигурносен појас изнесува околу 30 отсто. Овој процент е за неколку единици поголем кај совозачите. Ситуацијата во Европа е обратна, односно само 30 отсто од возачите го прекршуваат законот и не користат појас. Околу 50 отсто од возачите кои го загубиле животот, според истражувањата на меѓународни организации, е поради некористењето на сигурносниот појас во автомобилот.

Кампањата и активностите поврзани со неа ќе трае неколку месеци и ќе се реализира на територијата на Република Македонија, а целна група ќе бидат возачите и патниците како учесници во сообраќајот.

Во тој период, ќе се делува превентивно и едукативно на возачите и сопатниците на различни начини, а за потребите на кампањата се изработени едукативни материјали, подготвени се едукативни настани и превентивни предавања. Кампањата ќе се реализира на територијата на Република Македонија, а целна група ќе бидат возачите и патниците како учесници во сообраќајот.

– Кампањата ќе биде со поинаков концепт од оној кој досега РСБСП го применуваше, ќе биде “црна” , мрачна и по малку морбидна, за некои луѓе ќе биде непријатна, за други премногу силна, емотивна, за трети стресна, итн. Мотивот за реализација на оваа кампања, со ваков концепт е да се предизвика чувство на вознемиреност, чувство на внатрешен немир, неспокој. Со оваа кампања сакаме да потенцираме дека не е важно само да научиш да возиш, или да те возат, туку важно е да ги почитуваш сообраќајните правила и да научиш да се заштитиш како возач или патник. Изборот и употребата на сигурносниот појас е избор помеѓу животот и смртта. Затоа не дозволувајте возењето без појас да биде причина за ваш или нечиј “последен поздрав”. Законот предвидува соодветни казни, но нема поголема казна од последиците од сообраќајните незгоди во кои учесниците не носат појас, вели Стојче Стаменковски, претседател на РСБСП.

Од РСБСП потсетуваат дека Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата предвидува дека возачот на моторно возило во кое се вградени сигурносни појаси и лицата кои се превезуваат со тоа возило, се должни да бидат врзани со тие појаси на начин утврден од производителот на возилото, за време додека возилото се движи во сообраќајот на пат.