Нова позајмица на Владата

Euro-News

Владата денеска се задолжи 40 милиони евра од домашните кредитори, односно 24 милиони евра повеќе од планираното. Парите ги обезбеди преку аукција на државни хартии од вредност. Од Министерството за финансии велат дека разликата ќе се користи за финансирање на буџетскиот дефицит.

„Зошто сега се повлекува поголема сума? Ликвидноста на пазарот е особено висока, што придонесе за значително намалување на каматните стапки на државните хартии од вредност. Значи по пониска цена може да се обезбеди капитал за финансирање на буџетски дефицит кој е предвиден со буџетот.“ – велат од Министерство за финансии

Од СДСМ реагираа на новото задолжување. Недозволиво е министерот за финансии да ги задолжи граѓаните со над 24 милиони евра повеќе од пристигнатите обврски за плаќање, без да објасни зошто! – велат од таму.

„За само 24 дена, министерот за финансии во заминување им натовари на граѓаните нов нето долг од речиси 40 милиони евра! Како да е малку ова, Кирил Миноски на меѓународна конференција пред неколку дена најави дека сакал да издаде нова еврообврзница. Миноски и расипничката власт затоа мора да бидат спречени да ја уништуваат иднината на граѓаните, на домашносто стопанство и на државата.“ – велат од СДСМ.

Економистите апелираат до Владата да не ги троши средствата од задолжувањата за непродуктивни трошоци.

Минусот во државната каса оваа година ќе се финансира и со издавање на нова евробврзница. Утре инаку достасуваат обврски за плаќање во износ од 16 милиони евра, или 24 милиони евра помалку од денешното задолжување. Заклучно со третиот квартал од 2016-та година јавниот долг достигна 50,6% од бруто домашниот производ, што претставува рекордно измерено ниво на јавен долг.