Стартап
26.01.2017 23:13

Ама деца како деца, си се заигравме и со трчање влетав дома во 12 часот и 15 минути.

ime-n

Кога тргнавме во прво одделение имавме навика да се собираме кај некоја другарка дома и да си поиграме после училиште. Мајка ми беше јасна и гласна: Да си дојдеш дома во 12 часот.

 

Мајка ми беше бесна. Како сум смеела да задоцнам, иако 3 пати ми повторила дека треба точно напладне да бидам дома.

Ама мамо, само 15 минути, не е ништо страшно, нели?

Секако дека беше страшно. Резултираше со казна и пропуштив три играња со другарките после часовите кога морав да си одам право дома.

Затоа, следниот пат си дојдов 5 минути до 12. И погодете колку пати задоцнив после тоа? Ниту еднаш. Денеска сум возрасна и секогаш доаѓам навреме, а најчесто предвреме. Едноставно имам таква навика, никој да не ме чека и никого да не чекам. И да го почитувам зборот на другиот.

Денес има толку многу избор што да се јаде. И кога детето одбива да го јаде ручекот и ѝ се мршти на манџата, мајката скокнува од столчето и веднаш се зафаќа со готвење на нешто друго за најмилото.

Кај нас бога ми, не беше така. Не ти се јаде ручекот? Нема проблем. Не мора да јадеш. Се инаетиш така еден час, два часа… другите си се најале и веќе си дремат, а тебе ти кркорат цревата.

А може барем паштета или мармалад? Не може, ти враќаат категорично. Ручек си има.

И така, прогласуваш пораз. Како некое попче се довлечкуваш до масата и неволно започнуваш да сркаш со лажицата, ама како што си гладен толку ти се усладува, што бараш и репете втора чинија.

Мамо, ја сакам оваа играчка!

Може сликовница, играчка не може. Не ти е срам, не си бебе играчка да бараш!

Ете така, сурова вистина влепена во очи. Нема фини слатки зборови, нема заобиколување. Не си бебе!

Да не зборувам ако некого од соседите испуштиш да ги поздравиш или да кажеш добар ден. Каков скандал! Сакаш да бидеш невоспитана цел живот? Не, не сакам.

Ќе кажеш добар ден и 10 пати во денот. И сите ќе те пофалат, а ти се дуеш како квасец, умниче на мама.

Се враќам од училиште и сé што сакам е да си го гледам цртанот снимен на касетата. Ама касетата ја нема. Наместо неа ја има мајка ми, дежурен чувар која секој ден инсистира да ѝ кажам што сме правеле и што сме научиле денеска на училиште.

Леле ма мамо, НИШТО. Истото од вчера.

Е ако де, раскажи ми го пак. И така, раскажувања до недоглед. Но, да не биле тие моменти, немало да научиме да се изразуваме. Ниту да споделуваме работи, ниту да комуницираме.

Од оваа перспектива верувам дека и на мајка ми ѝ било страшно досадно секој ден да го прашува истото и да ги слуша безличните детски приказни.

Но, имало причина за сето тоа. Таа причина доаѓаше и во облик на ограничен џепарлак, слично како и ограниченото време за излегување. Едноставно, не може мало дете да располага со многу пари. Точка.

Нема потреба од луксузи каде што нема простор за истите. Научи да се снаоѓаш со помалку, бидејќи тоа е потешко, лесно е кога имаш повеќе.

Внимавај на работите, чувај ги книгите и облеката, нема да ти купиме нови само затоа што не си била одговорна.

И еве сме, живи, здрави и прави со нула негативен емоционален багаж или трауми, само затоа што никој претерано не нé галел или пак внимавал на нашите нежни деликатни чувства.

И ако имам една вистинска желба, тоа е да бидам подеднакво лоша мајка за моето дете, како што беше мојата за мене.