Две племиња се. Од самиот почеток е така.

avel kain

Племето на Авел и племето на Каин. Едните живеат за да создаваат, другите за да уништуваат. Низ целата човечка историја се зборува за судир меѓу овие две племиња. Планетава е преполна со траги и од едните и од другите.

Градови кои едните ги изградиле, за другите потоа да ги запалат и срушат. Земјата, реките и морињата да прозборат, ќе има уште многу страници да се допишат на постоечката човечка историја. Којзнае колку крв е пролиена.

Којзнае колку Авели се заклани. Зошто? Тешко дека постои одговор на ова едноставно прашање. А и проблемот со едноставните прашања е таков – за нив ретко постои вистински одговор. Дури и да постои, не се изговара гласно туку само се шепоти.

Зошто? Затоа што каинитите и авелитите не се разликуваат телесно еден од друг. Да, тие се браќа и сосема наликуваат еден на друг. Можеш да гледаш во една толпа во која има и од едните и од другите, но нема да знаеш кој е кој.

Разликата им е само во срцето. Додека на едните чукањето на туѓите срца им причинува радост, на другите тој звук страшно им пречи. Би направиле се за тој да исчезне. Интересно е што еден авелит може да живее со друг авелит. Кај каинитите тоа не е случај. Тие мразат се што е живо. Да, и еден со друг не можат да се поднесат. Но, за чудо, успеваат да направат некаква своја функционална организација кога треба да се делува во поголема рамка против авелитите, за да се дочепаат до некаков плен, територија или друга добивка.

Но, во првата прилика ќе се испоколат меѓу себе кога таа добивка треба да се подели. Точно, има по малку авелско во секој Каин… некогаш повеќе, некогаш помалку. Посебно кон своите најблиски. Но тоа не го прави Авел. Тоа не ја намалува неговата деструктивна и себична природа. Каин можеби и ќе засака некого, но таа љубов секогаш е посесивна, љубоморна и напорна. Љубов која постојано нешто бара а ништо не нуди. Љубов која го фаворизира животинското а го негира внатрешното, суштинското. Еден Каин ќе зборува за војна, но не и за мир. Ќе зборува за тоа колку луѓе му се плашат, но не и колку луѓе го сакаат. Ќе зборува за секс, но не и за љубов. Еден Каин ќе биде несигурен во своите најблиски и често на првата трошка сомнеж ќе ги ликвидира.

Ќе биде несигурен дури и во својата партнерка и ќе ја држи во психичко заточеништво. Ќе и го следи секое движење. Секој поглед. Ќе се обиде да и ги контролира дури и мислите. Со Каин тешко се живее. И тој самиот тешко живее. Несреќен е длабоко во себе. Несигурноста и несреќата ги маскира со бруталност и егоизам. Но главната идеја во животот му е да се размножува. Да направи што повеќе клонови од себе и да го доминира светот.

Го опишавме како монструм, но верувајте, на прв поглед воопшто не изгледа така. Тој најчесто носи одело, кравата и акт-ташна. Добар парфем кој може сета таа внатрешна смрдеа да ја покрие бар на кратко. Добро се одржува. Добро се маскира. Да. Порано Каин мораше да се маскира во Авел за да успее во животот. Сега е обратно. Сега ги има се повеќе. Сега веќе отворено ги шират своите визии за брутално и деградирано општество. Сега веќе не им ни требаат маски.

Светот веќе е во нивните канџи. Сега работите многу се сменија. Сега многу Авели под притисок мора да ставаат маска на Каин за да поминат незабележано и некако да обезбедат егзистенција за своите најблиски. Дури го учат и каинскиот дијалект.

Си ги тренираат очите да изгледаат ѕверски. Авелскиот јазик ќе го зборуваат скришно, во мали групи, да не ги слушне некој. Дека дури и во семејствата на авелити ќе се најде некој Каин. Нема правило за тоа.

Канизмот е семе кое никнува кај што не го садиш. Грешката е што низ историјата, луѓето се делеле по семејна, расна, класна, религиозна и национална припадност. Не требало така. Во тоа е најголемата грешка на човештвото.

Зошто толку поделби? Признале ние или не, во коренот се само две.

Драган Таневски