Мода
08.03.2017 18:13

Најчестите грешки кои ги правите со вашата долна облека

61336329-donje-rublje-gacice-grudnjak

Повеќето луѓе ја сфаќаат долната облека здраво за готово.

Таа е под облеката, не се гледа и токму поради тоа многумина мислат дека не треба да обрнуваат внимание на тоа што го купуваат и го носат директно на кожата и на најинтимните делови од телото.

Постојат грешки кои најчесто ги правиме без воопшто да размислиме на можните последици. Дизајнерката и основач на линијата за долна облека White Rabbit, Мариана Хернандез, посочува на 8-те најчести грешки што луѓето ги прават при изборот и начинот на кој тоа влијае врз самата личност.

1. Помали бројчиња

Повеќето жени имаат обичај да купуваат едно до две помали бројчиња од големината која реално им е потребна. Со тоа, тие мислат дека ќе го стегнат телото, но напротив, потесната долна облека создава нерамнини по нашето тело, кои се многу видливи кога ќе облечеме алишта врз нив.

2. Погрешна долна облека за одредена модна комбинација

Сакате да облечете тесен фустан и под него танга гаќички? Тоа не е секогаш најдоброто решение. Треба да внимавате на текстурата, ткаенината и бојата на фустанот што ќе го облечете.

3. Долна облека со нитни и тантели

Кога купувате долна облека внимавајте таа да биде мазна и рамна. Моделите кои имаат додатоци, како нитни, шевови и тантели, не изгледаат баш најдобро кога врз нив ќе облечете потесна облека. Исто така тие додатоци може да ја притискаат кожата, да остават трага и да ве повредат.

4. Мрежеста долна облека во лето

Мрежестата долна облека во лето можеби изгледа супер избор (има дупки и низ неа кожата дише), но внимавајте, тоа не е секогаш вистинскиот избор. Оваа долна облека најчесто е изработена од синтетички материјали како полиестер, којшто може да задржува топлина, пот и влага. Наместо тоа носете памучна и мека долна облека, која што може добро да се испере, а истовремено нема да ја задржува влагата на вашето тело.

5. Бела долна облека под бели алишта

Ова е многу честа грешка којашто ја прават жените. Белата боја ќе ја истакне разликата помеѓу двете парчиња облека и ќе предизвика контраст кој воопшто нема да изгледа убаво. Затоа, кога носите бели алишта, најдобро би било под нив да облечете долна облека во боја слична на вашата кожа или со потемно кафеави нијанси.

6. Светла долна облека со темни алишта

Ваквата комбинација на многумина им изгледа многу логична, но, многу често се случува, материјалот од кои се изработени алиштата да биде потранспарентен и преку него да се рефлектира светлата долна облека. Ова особено доаѓа до израз на некои фотографии. За да не се доведете во непријатна ситуација, практикувајте и под темните модни комбинации да носите темна долна облека.

7. Ја перете долната облека во машина за алишта

Машинското перење во голема мера ја уништува еластичноста и ткаенината. Топлата вода, центрифугата и детергентите за перење можат вашето омилено парче да го претворат во обична парталава крпа. Затоа, некои парчиња од долната облека, како корсети, градници со тантели и други почувствителни модели и материјали, перете ги на рака со течен детергент. Исто така, многу е важно долната облека да се суши природно.

8. Штедите на долна облека?

Долната облека е една од работите за кои можеби не треба да штедите премногу. Таа директно доаѓа во допир со вашата кожа и најинтимните делови од телото, поради што може да предизвика низа инфекции доколку не е добро скроена или е изработена од неквалитетен материјал. Евтините парчиња долна облека можеби ќе ви помогнат да заштедите малку пари, но можат да предизвикаат долгорочни проблеми.