Погледнете колку изнесува скриениот долг на Македонија

Kesanac

Премиерот Зоран Заев рече дека Македонија има над една милијарда евра скриен долг. Економистите посочуваат дека мора да се утврди точниот долг, како ќе се враќаат тие пари, но и да се провери дали сите трошења биле валидни.

Да се провери валидноста на сите договори за јавни набавки, а потоа владата да направи сериозен план како да се раздолжи со стопанството, велат економистите, откако премиерот Зоран Заев рече дека во буџетот има уште една милијарда евра скриен долг.

Заев, синоќа, во интервју на МТВ, на кое тој се соочи со уредниците на македонските телевизии, рече дека состојбата во државата од финансиски аспект не е сјајна, во буџетот има само шест милиони евра, има над една милијарда евра скриен долг, а јавниот долг надминал 50 проценти од БДП-то.

„Имаме многу завршни ситуации коишто не се фактурирани, оти ако деловната заедница ги фактурира, ќе треба да плати ДДВ, а не знае кога ќе го врати тоа ДДВ или кога ќе бидат наплатени самите ситуации. Од прилика мислам дека има скриен долг, вкупно, којшто не е евидентиран во вкупниот долг на државата, поголем од една милијарда. Тоа само по себе покажува колку е пробиен плафонот“, рече синоќа Заев.

Според официјалните податоци, јавниот долг на крајот на март бил 4,739 милијарди евра, односно 46 проценти од БДП-то. Дел од економистите со години предупредуваат дека има скриен долг од стотици милиони евра и дека државата е задолжена повеќе отколку што прикажува, но поранешната власт постојано тврдеше дека бројките се точни и оти Македонија е една од најмалку задолжените земји во Европа.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ денеска демантира дека во буџетот се останати само шест милиони евра и дека јавниот долг е над 50 проценти од БДП.

„Фактичката состојба гласи дека јавниот долг на 30 април година изнесувал 45,9 отсто. Со овие паушални бројки и лаги, Заев и практично го загрозува кредитниот рејтинг на Република Македонија и ризикува кредиторите во иднина да бараат повисоки каматни стапки“, наведува ВМРО-ДПМНЕ, оценувајќи дека Заев манипулира и дезинформира наместо да ги исполнува ветувањата што ги дал пред избори.

Професор Мирољуб Шукаров од Универзитетот Југоисточна Европа вели дека не може за толку кратко време да се направи скенирање на сите побарувања кои се темпирана бомба за буџетот. Тој вели дека една милијарда евра скриен долг ги надминува очекувањата и на најголемите песимисти. Мора да се утврди точно колку должиме, како ќе се враќаат тие пари, но и да се провери дали сите тие трошења биле валидни, вели тој.

„Ако тој долг е навистина толкав, тогаш владата навистина ќе мора да седне и да размисли и за една динамика на плаќањата на тој долг, а претходно ќе мора да изврши навистина снимање, комплетен скен, не само на изворите од каде ќе се плаќаат, туку би рекол и на договорите и нивната валидност, затоа што е можно еден дел од тие договори да се набилдани до таа мера да воопшто не биле потребни за извршување на одредена активност“, вели Шукаров.

Заев во интервјуто рече дека во трезорот чекаат за наплата 300 милиони евра за фасади и 50 милиони евра за најголем дел од „патриотските здруженија“, но оти не поминале, за да се види „законитостата во овие постапки.“ Тој вели дека секоја година од Македонија се крадат по 400 милиони евра и оти со тие пари може да се направат многу работи.

Според податоците на Министерството за финансии, на крајот на 2006 година, јавниот долг бил 1,8 милијарди евра, односно 33 отсто од БДП-то, а сега е за три милијарди евра поголем. БДП-то во 2006 година бил 5,47 милијарди евра, а за годинава се очекува да надмине над 10 милијарди евра.