Погледнете што порачаа пратениците од ВМРО-ДПМНЕ на СДСМ

VMRO-DPMNE-Zgrada

Никакви СЈО нарачки нема да му помогнат на Зоран Заев и СДС да ги дефокусираат граѓаните од реалноста во која тие очекуваат од СДС да почнат да работат и да ги реализираат ветувањата кои им ги дадоа, наведува ВМРО-ДПМНЕ во денешното соопштение до медиумите.

– Заев нема да може вечно да ја прикрива неработењето и неспособноста преку црни кампањи против ВМРО-ДПМНЕ кои ќе му ги води Катица Јанева. Ќе дојде моментот кога Заев ќе биде прашан каде се ветените проекти и мерки. Од голиот популизам, укинувањата, блокирањата и најавите за уривање не се подобрува стандардот. СДС во текот на изборниот период ветуваше дека ќе го слуша гласот на граѓаните и нивните потреби ќе бидат пред се. СДС сега доби шанса да го стори тоа со граѓанскиот предлог за зголемување на периодот на породилно отсуство за мајките од 9 на 18 месеци. СДС ги изневери очекувањата и ветувањата дека ќе се посвети на граѓанските иницијативи, стои во соопштението.

Според ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ наместо да се занимава со популизам, треба да покаже општествена одговорност и да го поддржи нивниот предлог за зголемување на породилното отсуство, кој е автентично граѓански и носи придобивка за сите идни мајки, и кој е добар и демографски и значи чекор плус во засилувањето на семејните вредности.

– Во СДС не постои свест за квалитетни проекти кои го подобруваат животот на граѓаните. Затоа рушат и укинуваат се, без притоа да направат соодветна анализа и да понудат поквалитетни решенија. Укинувањето на Кембриџ програмата ќе биде една од најголемите грешки на СДС, бидејќи истата се применува во над 160 земји во светот и придонесе за зголемување на квалитет на образованието и подобрување на резултатите кај учениците. Граѓаните наместо криење зад флоскулата „цели кон кои се стремиме“  од СДС очекуваат минимална плата од 16.000 денари, а просечна плата од 30.000 денари, а лекарите очекуваат плати од 100.000 денари која СДС им ја вети. Граѓаните ги очекуваат и новите 500 километри автопат, како и 30.000 денари годишно од поврат на ДДВ кое СДС го презентираше како носечки проект во изборната кампања, се невдува во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.