Кои се новите барања на Албанците?

A82FDA7D-3E9C-4962-A627-31D6BB28E13D_w1023_r1_s

Кои се новите барања на Албанците?

Во Собранието на Република Македонија денеска се одржа средба на претставници на партиите на Албанците на која, како што изјави пратеникот Весел Мемеди од НДП, се разговарало за потребата за донесување на законот за албански јазик, за имплементацијата на точките од Декларацијата на Албанците, за разговорите што Македонија ги има со Грција за името и за најавениот договор за добрососедство со Бугарија.

„Потребата за донесување на законот за албанскиот јазик е усогласена. Паралелно сите овие работи ќе одат на Венецијанската комисија и ќе бидат на дневен ред во Собранието. Очекуваме Венецијанската комисија да донесе многу бргу правен совет за законот за албанскиот јазик“, рече Мемеди.

Оцени дека динамиката на имплементацијата на точките од Декларацијата на Албанците од страна на Владата оди добро.

Според него, разрешувањето на спорот за името со Грција треба да почне што поскоро за Македонија да стане членка во ЕУ и НАТО и преговорите да течат паралелно. Сите партии од албанскиот блок, исто така, како што кажа, го поддржуваат потпишувањето на договорот за добрососедство со Бугарија.

Следната недела ќе се одржи уште една ваква средба, на покана на Гзим Острени од Унитети. На средбата присуствуваа лидерот на ДУИ Али Ахмети и Садула Дураку, Луан Треси и Бардил Даути од ДПА, Гзим Острени од Унитети, Сурија Рашити од ДР -ДПА, како и Весел Мемеди од НДП, на чија иницијатива се организира состанокот. Претставник на Беса не присуствуваше на разговорите, а пратеникот Фадиљ Зендели од оваа партија изјави дека за нив поканата не била искрена и без конкретна агенда, а ја свикал човек во служба на ДУИ.