Македонија
15.08.2017 15:56

Досие: Откривање на најголемите тајни за Дилавер Бојку, кој беше всушност тој?

leku-1

Дилавер Бојку Леку кој попладнево беше убиен на плажа во Струга, на јавноста и беше познат како стопанственик и поранешен осуденик за организирање на проституција.

Бојку пред повеќе од една деценија го привлече вниманието на полицијата како сопственик на ноќниот клуб „Еспресо“ во Велешта, неговото родно место. Сопственик бил и на ноќен клуб „Кис ми“ и хотел „Берн“ во близина на Струга за кои бил обвинет дека ги користи за проституција. Тој беше обвинет за заробување на млади жени од Украина, Романија и Молдавија, за бело робје. Жените со физичка присила морале да се проституираат.

Тој бил обвинет за пет кривични дела поврзани со организирана проституција.

Бојку на 20 јуни 2003 година избега скокајќи во црна кола, во близина на затворот во Струга, додека во придружба на обезбедување, но без лисици на рацете, чекаше да го спроведат до суд со полициско комбе.

Поради бегството, директорот на затворот во Струга, Драган Петрески бил отповикан.

САД за да помогнат на борбата со трговија со луѓе на Балканот, понудија награда од 10.000 долари за информација која ќе води до негово наоѓање.

Тогашниот американски амбасадор во Македонија, Лоренс Батлер го опиша Бојку како „најпознатиот Македонец надвор од Македонија, за случајот е заинтересиран ФБИ“.

Обвинетиот Бојку беше фатен по двонеделно бегство. Тој се подготвувал да избега во Бразил.

Бојку во координирана акција со црногорските власти и македонското Министерство за внатрешни работи беше фатен во Улцин, Црна Гора и со хеликоптер беше екстрадиран во Македонија.

Тој кон крајот на 2003 година беше осуден е на затворска казнa од 3 години и 8 месеци за кривично дело посрeдување во проституција.

Бојку во последниве години беше актуелен со неговата плажа во Струга и конфликтот со струшкиот градоначалник Зијадин Села.

– Многу вложив. Ова е семеен бизнис, ми помогнаа повеќемина од семејството. Околу 400.000 евра вложив само од продажба на нивите на татко ми во Велешта. Мислам дека досега сум докажал оти се разбирам и добар сум во водењето бизнис, а Села само знае да урива. Ако градоначалникот ги урне објектите, јас лично ќе ја вратам плажата во првобитна состојба. Тоа значи дека ќе донесам кал, ѓубре и градежен шут оти така ја затекнав кога ја добив концесијата. За да ја уредам плажата донесов 100 шлепери песок од Маврово, а изнесов 50 шлепери шут и ѓубре. Тоа ќе му го вратам – рекол Бојку за „Дневник“ во 2014 година.

Се уште не се јасни причините за неговото убиство, ниту сторителот, но во јавноста се шпекулира дека станува збор за крвна одмазда.