Бизнис вести
23.10.2017 14:04

Грција одвојува 1 милијарда евра помош за најсиромашните

greece

За најсиромашните граѓани во Грција, кои најмногу настрадале во речиси седумгодишната економска криза, владата најави дека ќе издвои една милијарда евра помош.

Грчката Влада инсистира дека во текот на 2017 година економијата ќе се зголеми за два процента, а дека примарниот буџетски суфицит, кога ќе се издвојат трошоците за отплата на долговите, ќе изнесува 2,2 процента од бруто домашниот производ. Портпаролот на владата, Цанакопулос изјави дека овие податоци се позитивни и дозволуваат да се помогне на социјалните категории. Невработеноста во Грција, по долгогодишната криза, изнесува 21,3 проценти, односно 42,8 отсто кај младите.

Во меѓувреме, меѓународните кредитори на Грција денеска почнуваат трета ревизија на имплементацијата на финансиската помош. Цанакопулос рече дека Владата на Алексис Ципрас е подготвена да ги пополни сите дупки во буџетот кои може да се појават во текот на ревизијата.

Цанакопулос го обвини германскиот министер за финансии во заминување Волфганг Шојбле дека сака да се ослободи од одговорноста за кратењата во грчката економија. Шојбле изјави дека меѓународните кредитори не барале од Грција да ги намали пензиите, но според Цанакопулос, ова е обид за префрлање на вината од европските доверители кон грчката Влада.