Политика
23.10.2017 14:08

Ивана Туфегџиќ: Со барањето за амнестија ВМРО-ДПМНЕ сака да ги спаси „пратениците убијци“

Туфегџиќ

Со барањето за амнестија ВМРО-ДПМНЕ сака да ги спаси „пратениците убијци“

Со барањето за амнестија на лицата кои на 27 април упаднаа и тепаа пратеници во собранието ВМРО-ДПМНЕ покажа дека стои во одбрана на организаторите, насилниците и „пратениците убијци“ кои ги отворија вратите на собранието, вели пратеничката Ивана Туфегџиќ. Најголем показател за тоа, според Туфегџиќ, е соопштението на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ кое беше испратено непосредно по завршувањето на распитот на Јордан Мијалков во полициска станица.

-Со вчерашното барање за амнестија, ВМРО-ДПМНЕ докажа дека токму тие се организатори и нарачатели на крвавите настани. Дополнително, ако забележавте, тоа беше испратено само 2-3 часа по распитот на Јордан Мијалков, синот на Сашо Мијалков, во станица, и тоа покажува дека ВМРО-ДПМНЕ прави сè да ја заштити криминалната врхушка на чело со Груевски и Мијалкови, а не за да ги заштите другите лица. Она што е интригантно во барањето на ВМРО-ДПМНЕ е тоа што велат дека на овој начин ќе дојде до помирување и релаксирање на политичките тензии. Амнестија не смее да има за такви и слични општествени настани. Мора да видиме правна разрешница на ова со цел таков настан никогаш да не се повтори, додава Туфегџиќ.

ВМРО-ДПМНЕ вчера информираше дека покренува иницијатива за итно и неодложно ослободување и амнестирање на сите лица кои извршиле одредени законски прекршувања во инцидентите пред и во парламентот на Република Македонија на 27 април 2017 година. Образложението е дека изминатите пет месеци власта ослободувала криминалци по различни основи, па оттука и потребата за амнестија на насилниците од крвавиот четврток.